Извадок на дел од дневни настани 10.08.2018

 На 09.08.2018 година во 18.20 часот на булевар „Борис Трајковски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Хонда Цивик“ со скопски регистарски таблици, управувано од Х.К. (19) од Скопје и патничко возило „Југо“ со скопски регистарски таблици, управувано од З.М.(69) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од возилото „Југо“, Б.М.(61) од Скопје, а со телесни повреди се здобил возачот З.М..  Со возило на Итна медицинска помош тие биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.  

                         

На 09.08.2018 година во 15.00 часот на магистралниот пат Градско - Прилеп се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Пежо“ со француски национални ознаки, управувано од А.Б.(25) oд Франција и патничко возило „Фолксваген Голф“ со велешки регистарски ознаки, управувано од С.И.(41) од с.Бузалково, велешко. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на возилото „Фолксваген Голф“, кој бил пренесен и задржан на лекување во Општа болница Кавадарци. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Кавадарци.

 

На 09.08.2018 година во 09.35 часот во с.Добридол, гостиварско, А.Ч. (25) од с.Топлица, додека управувал трактор со приколка, од приколката паднал 16-годишник од с.Сенокос, гостиварско, при што се здобил со повреди. Со возило на Итна медицинска помош тој бил пренесен од Медицински центар Гостивар, а потоа, поради карактерот на повредите, бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица Гостивар.

 

На 09.08.2018 година околу 13.00 часот на ул.„Гоце Делчев“ во Штип, при изведување градежни работи на станбен објект, О.С. (54) од Штип, вработен како лимар, од засега непознати причини паднал од висина од 3,5 метри на бетонски под. Тој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Клиничката болница Штип каде му биле констатирани тешки телесни повреди, по што поради сериозноста на повредите бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Штип.

 

Во врска со настан „исчезнато лице“, даден во билтен од 07.08.2018 година, исчезнатата 17 годишната девојка била пронајдена.

 

Во текот на изминатиот ден (09.08.2018) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно четири сообраќајни незгоди од кои една сообраќајна незгода со тешки телесни повреди, две со лесни телесни повреди и една со материјална штета. Во сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и три лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 40 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 14 возачи од кои 13 поради тоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол и еден возач затоа што бил возач-почетник. Исто така исклучени од сообраќај биле и 17 возила затоа што 15 биле нерегистрирани, едно поради истечена важност на сообраќајната дозвола и едно возило бидејќи било технички неисправно. Во текот на изминатите денови издадени се 120 мандатни платни налози, додека 44 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

На 09.08.2018 година во 20.00 часот во Полициската станица Струга, С.Ј (37) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 15.00 часот во Струга, во куќата на Ф.Н. каде престојува заедно со неговото семејството, С.Џ. (39) од Скопје извршил полови дејствија над неговата 15- годишна ќерка. Од страна на полициски службеници С.Џ. бил пронајден и приведен во полициска станица, при што било констатирано дека се бара за издржување на казна затвор. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 

На 09.08.2018 година во 12.00 часот во Полициската станица Карпош, Л.З. (53) од Скопје пријавила дека истиот ден во периодот од 09.45 часот до 11.30 часот непознат  сторител извршил тешка кражба во нејзината куќа на ул.„Франц Прешерн“. Сторителот со употреба на сила влегол во куќата и одзел две пушки и пиштол марка „Црвена Застава М-88“ калибар 9 мм, сопственост на нејзиниот починат сопруг, златен накит и 70 евра, по што побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 10.08.2018 година во 04.24 часот непознат маскиран сторител извршил разбојништво во бензинска пумпа на ул.„Радишанска“. Сторителот со закана со пиштол од вработениот одзел засега неутврдена сума на пари, по што побегнал во непознат правец.  Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 10.08.2018 година во 00.30 часот А.Т.(27) од Охрид, во Полициската станица Центар пријавила дека на 09.08.2018 година во 23.15 часот на ул. „Владимир Полежиновски“ била касната од куче-скитник на левата надколеница.

 

На 09.08.2018 година во 23.45 часот во Полициската станица Гази Баба, А.В.(36) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 21.30 часот на ул. „Антон Попов“ бил нападнат и каснат од повеќе кучиња-скитници во пределот на десната нога и левата рака.

 

На 09.08.2018 година во 14.20 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје, од Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив било донесено повредено лице С.Д. кое на булеварот „Трета Македонска Бригада“ било каснато од куче скитник.  

 

СВР Скопје, до Основното јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против М.И. (33) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по член 396 од Кривичниот законик на Република Македонија. На 09.08.2018 година, врз основа на наредба од Основен Суд Скопје 1 -Скопје, бил извршен претрес во домот на пријавениот  на ул.„1“ бр.29 во с.Долно Свиларе, скопско.

При претресот биле пронајдени една полуавтоматска пушка „SKS Type 45“ со калибар 7,62х39мм, девет куршуми со калибар 7,62х39мм, седум куршуми со калибар 8х56R, еден куршум со калибар 7,9х57мм и еден патрон за ловна пушка со калибар 12мм..  

 

Полициската станица Берово поднесе кривична пријава против Б.С. (28) од с.Двориште, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 04.07.2018 година околу 20.30 часот во продавница во село Двориште физички го нападнал П.К. од село Двориште и му нанел тешки телесни повреди.  

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против П.М. (35) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „противправно лишување од слобода“. На 04.04.2018 година околу 20.30 часот во студио за тетовирање во Скопје пријавениот физички го нападнал Д.Ј. (30) Скопје и не му дозволувал да излезе околу 30 минути.  

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.З. (40), С.З. (47) и Ф.З. (23),сите од село Матејче, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 21.07.2018 година околу 20.10 часот во село Матејче, пријавените се заканувале со оружје, а потоа физички нападнале двајца вработени во агенција за обезбедување, кои вршеле контрола на мерни инструменти за струја, како и еден жител од селото кој се обидел да го спречи нападот.

 

Надворешната канцелариј за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против Х.М. (22) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“. На 14.06.2018 година на регионалниот пат кон кон превојот Плетвар, додека припадници на шумската полиција преземале мерки за контрола на патничко возило кое било натоварено со дрва, пријавениот со патничко возило „ Фиат Мултипла“ се обидел да ги попречи во намерата, по што удрил во службеното возило и побегнал од местото на настанот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против О.Ј. (43) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,измама при добивање кредит или друга погодност“ и ,,употреба на исправа со невистинита содржина“ и против Х.Р. (48) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,употреба на исправа со невистинита содржина“ и „помагање“ во врска со ,,измама при добивање кредит или друга погодност“. На 09.09.2016 година првопријавениот со цел да искористи поволност за увоз на возила, иако возилото не било во негова сопственост шест месеци, поднел барање до Отсекот за управни работи Охрид, по што Уверението го употребил во Министерството за економија - Биро за метрологија, заради издавање на потврда за отворање на постапка за идентификација за увезено патничко возило „Мерцедес Е 220 CDI“ и фиктивен купопродажен договор од 12.12.2015 година склучен помеѓу второпријавениот како продавач и првопријавениот како купувач, со цел регистрирање на возилото на негово име. Според царинска декларација од 11.11.2016 година возилото е царинето на име на О.Ј., но за првпат во Македонија е регистрирано во Дебар на име на купувачот Џ.М. од Дебар.

 

СВР Скопје поднесе кривичнa пријавa против Д.Ј. (31) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против В.Ј. (38) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправа“ во врска со „соизвршителство“ и против Љ.Т. (56) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ во врска со „соизвршителство“ . Д.Ј. во текот на април 2016 година, иако знаел дека патничкото возило ,,VOLKSWAGEN NEW BEETLE“ , кое е предмет на регистрација, не ги исполнува ЕУРО 4 стандардите пропишани во Македонија, по претходен договор со второпријавениот В.Ј., вработен како технички испитувач во фирма од Скопје, се договориле со третопријавениот Љ.Т. да обезбеди лице државјанин на Македонија, кое се враќа од постојана или привремена работа или престој во странство, кое ќе биде купувач на возилото. По ова Љ.Т. обезбедил уверение за живеалиште на лице од Куманово, кое е повратник од странство и со невистинит странски купопродажен договор отпочнале постапка за регистрација на возилото.

 

Регионалниот центар за ранични работи Исток поднесе кривична пријава против Г.С.(33) од Република Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,фалсификување исправа“. На 07.08.2018 година во 02.00 часот на Граничен премин „Деве Баир“ пријавениот приложил фалсификувана албанска патна исправа, по што со пресуда на Основен суд Крива Паланка од 07.08.2018 година му била изречена алтернативна мерка условна осуда.