Извадок на дел од дневни настани 25.07.2018

На 24.07.2018 година околу 17,30 часот било пријавено дека во Битола на улицата „Мукос“ додека М.А. (57) од Битола, управувал трактор со приколка во која се превезувал и 10 годишен малолетник, детето паднало и се здобило со тешки телесни повреди. Повреденото дете било пренесено во Клиничката болница во Битола. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Битола. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 25.07.2018 година околу 01,00 часот било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар - Кичево, на почетокот од Новоселскиот мост, Е.А.(53) од село Јагол-кичевско управувајќи патничко моторно возило „БМВ“ со австриски регистерски ознаки, излетал од коловозот. Возачот и неговата сопатничка Ѓ.А.(40) се здобиле со тешки телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во гостиварската општа болница, а потоа биле пренесени на скопските клиники. Извршен бил увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на настанот.

 

На 24.07.2017 година во 15,00 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје од Казнено поправната установа Идризово било пријавено дека осуденикот М.Д.(34) од Тетово во ќелија бил пронајден во безсознание. М.Д. со возило на затворска служба бил однесен на Комплексот клиники “Мајка Тереза“ каде од страна на лекар била констатирана смрт. Телото на починатиот било дадено во судска медицина за обдукција.

 

На 24.07.2018 година во 15,30 часот во Полициската станица Прилеп Ѓ.И.(84) пријавил дека истиот ден на градскиот пазар од страна на две непознати лица му била извршена измама при што му одзеле 7.000 франци и 150.000 денари. Имено лицата под изговор дека заедно со оштетениот ќе отвореле златара, го убедиле да им ги даде парите кои дел ги имал дома, а дел ги извадил од банка, по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

Во текот на изминатиoт ден (24.07.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 12 сообраќајни незгоди од кои четири со телесни повреди и осум со материјална штета. При сообраќајните незгоди четири лица се здобиле со лесни телесни повреди. Потоа 40 возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така исклучени се и 12 возачи бидејќи шест го управувале возилото пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, тројца биле возачи почетници и тројца го управувале возилото под дејство на алкохол. Од сообраќај исклучени се 13 возила, бидејќи 12 биле нерегистрирани и едно технички неисправно. Седум возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, еден неправилно се престроил, еден неправилно престигнувал, еден не дал првенство на возила и седум не користеле заштитен шлем. Во однос на пешаците санкционирани се и 61 пешак кои поминале коловоз надвор од пешачки премин и осум кои поминале на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 61 мандатни платни налози, додека исто така 51 возило се подигнати со "Пајак".

 

 На 25.07.2018 година во 11,20 часот било пријавено дека во Прилеп на улицата “Биди маж“ патничко моторно возило “Голф“, управувано од Г.П.(46), удрило во пешак М.Ш.(67) Од здобиените повреди пешакот починал. Увидот е во тек.

 

На 25.07.2018 година во 03,50 часот, било пријавено дека на магистралниот пат Радовиш – Штип, во близина на Бучимска раскросница се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Опел Астра“  со радовишки регистерски таблици управувано од М.Ј (60) од Радовиш, патничко моторно возило „Фиат Панда“  со скопски регистарски таблици,  управувано од Р.С (62)  од Радовиш и еден трактор ИМТ “Фергусон“ 539  управувано од М.О (44) од с.Тополница. Во сообраќајната незгода со телесни повреди се здобиле двајцата возачи на возилата, М.Ј.(58) Н.Ц.(60) и Н.Т.(58) сопатнички од возилото “Опел Астра“, потоа С.О.(21) и А.О.(45) сопатнички од тракторот, додека Ј.Г.(59) сопатник од возилото “Фиат Панда“ се здобил со тешки телесни повреди. Од страна на полициски службеници по овластување на јавен обвинител бил извршен увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 24/25.07.2018 година од 23,00 до 03,00 часот, полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово, спровеле акциска контрола во угостителски објект, лоциран покрај автопатот Тетово - Гостивар, во Горно Седларце, сопственост на Б.Л.(48) од Тетово. При контролата, во објектот биле затекнати девет женски лица, од кои шест државјанки на Република Албанија и три македонски државјанки. Странските државјанки на возраст од 20 до 27 години се приведени и задржани во Полициската станица Тетово, по што се предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка.

 

На 24.07.2018 година околу 14,30 часот, полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово - Полициско одделение Ростуше, во атарот на долнореканското село Требиште, во месноста „Вјавор“, на четири различни локации во неоградени ливади, пронашле 12 стебла од растението „канабис сатива“.  Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 24.07.2018 година Д.Ц.(26) од Скопје пријавила дека на 23/24.07.2018 година во времето од 19,00 до 08,00 часот на улицата "Вера Јоциќ" од страна на непознат сторител  извршено е одземање на патничко моторно возило "Мерцедес Е270" со кумановски регистарски ознаки. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 24.07.2018 година Д.М.(58) од Скопје пријавил дека околу 10,00 часот на улицата "Австралиска" во Скопје, од страна на непознат сторител извршена му била измама при што му биле одземени 6.500 денари. Сторителот измамата ја извршил на тој начин што додека оштетениот седел во неговиот двор со неговата сопруга, дошол сторителот и му понудил огревни дрва по 2.000 денари од кубик. Двајцата тргнале кон камионот и сторителот му рекол на Д.М. да причека, истиот се вратил во домот на оштетениот и од сопругата ги одзел парите по што го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 24.07.2018 година М.Ч. од Белград, Р.Србија пријави дека истиот ден околу 11,00 часот на паркинг на улицата "Филип Втори Македонски" од страна на две непознати машки лица (едниот се претставил дека е од Призрен, а другиот од Кувајт), му била извршена измама, со што бил оштетен за сума од 115 Евра. Oткако го прашале оштетениот дали знае германски јазик бидејќи двајцата не можеле да се договорат во врска со случена сообраќајна незгода, лицето кое се претставило дека е од Призрен побарало 100 евра од другото лице за случената незгода со цел да не го пријави во полициска станица, по што лицето од Кувајт понудило часовник кој наводно чини 5,000 евра да го продаде на лицето од Призрен, но бидејќи истиот немал пари во него, требало да заминат за истите да ги обезбеди. Лицето од Кувајт го замолило оштетениот да му даде евра за да знае како изгледаат и да не биде измамен од другото лице, по што М.Ч. му дал 115 евра. Двете лица го напуштиле местото на настанот ветувајќи дека за кратко ќе му ги вратат парите. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 24.07.2018 година во 21,50 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека на улицата „Лазар Трповски“ во аптека едно непознато лице со закана со пиштол од вработената одзел околу 25.000 денари, по што го напуштил местото на настанот. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 25.07.2018 година во 03.05 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека на улицата „Методија Андонов-Ченто“ во бензиска пумпа две непознати маскирани лица со закана со пиштол од вработените одзеле околу 15.000 денари, по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 24.07.2018 година во 11,30 часот на железничката пруга Табановце- Прешево, од страна на полициски службеници биле откриени осум лица-мигранти од Иран. При тоа, лицата пријавиле дека истиот ден откако оствариле илегален влез од Р.Грција во Р.Македонија, на околу 200 метри пред граничната линија со Р.Србија, две непознати лица, со закана со нож, извршиле разбојништво над истите, при што им одзеле 8.000 евра. Од страна на екипа од Црвен Крст на мигрантите им била укажана лекарска помош. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Р.М.(45) од Гостивар поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „уцена“ предвидено и казниво по член 259 од КЗ на РМ. Имено Р.М. уценувал полициски службеник од Полициската станица Гостивар да му врател пари во висина на парична казна за сторен сообраќаен прекршок, кој претходно бил констатиран на пријавениот, заканувајќи се дека во спротивно ќе објавел видео снимки и фотографии со инкриминирачка содржина со која би можел да му наштети на неговиот чест и углед.

 

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Д.И.(24), Ф.Џ.(19), А.Џ.(20), сите од село Мала Речица-тетовско и И.С.(18) од  Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “насилство”. На 13.04.2018 година околу 19,00 часот во Тетово во спортскиот центар-забавен парк пријавените физички ги нападнале Ј.А.(18), Л.А.(22), двајцата од село Селце и А.Ш.(17) од Тетово,.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Н.П. (23) од Штип, Б.Т.(40) од село Козјак-Карбинци, Б.Т.(24) од село Козјак-Карбинци и О.Д.(37) од Карбинци поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „насилство“. На 15.06.2018 година околу 19,00 часот на крстосницата помеѓу селата Кучичино и Бурилчево, по претходна вербална расправија, пријавените физички го нападнале Б.Д.(19) од село Бурилчево, во присуство на неговите пријатели.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Х.Ј.(41) од село Речане поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,пустошење на шума, и против Р.А.(49) и Б.Н. (55), двајцата од село Речане поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,помагање во врска со кривично дело ,,пустошење на шума. На 08.06.2018 година околу 19,50 часот во атарот на село Горно Јеловце на место викано Шарски води, од страна на полициски службеници, при преглед на возило, управувано од првопријавениот, во кое второ и третопријавениот биле сопатници, било пронајдено и одземено огревно дрво бука, без соодветна документација, кои претходно првопријавениот бесправно ги исекол. По преземени мерки, од страна на полициски службеници и вработени во ЈП Македонски Шуми, во близина на местото каде било затекнато возилото биле пронајдени и одземени огревни дрва бука, кои претходно првопријавениот бесправно ги исекол, со што пријавените на ЈП Македонски Шуми му нанеле вкупна материјална штета околу 51.390 денари.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш поднесе кривична пријава против  Ч.Д. (50) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “несовесно работење во службата“. Во периодот од 25.01.2015 до 15.05.2017 година пријавениот, како директор на ЈП “Радовишко Поле“-Радовиш, со пропуштање на должен надзор, овозможил низ темелниот вентил на акумулацијата “Мантово“ да протече 34.084,80 кубни метри вода со што предизвикал материјална штета во висина од 11.829.680 денари на штета на ЈП“Радовишко Поле“-Радовиш.

 

Секторот за внатрешни работи Струмица - Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гевгелија, до Основното јавно обвинителство во Велес, поднесе кривична пријава против С.Џ (26) од Гевгелија. поради постоење основано сомневање дека пријавениот сторил кривично дело „неовластено  производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсорипредвидено по  член 215 став 1  од  Кривичен законик. Имено, по претходни оперативни сознанија и добиени Наредби  за претреси од Судија на претходна постапка при Основен суд Гевгелија, од страна на полициски службеници при НК за КР Валандово и ПС ОН Гевгелија, на 19.07.2018 година  извршен  е претрес, во дом – куќа и помошни простории каде престојува пријавениот во Гевгелија. Од извршениот претрес кај пријавениот пронајдени се девет најлонски кеси со марихуана или со вкупно нето маса еден килограм и 640 грама и една дигитална вага со остатоци од марихуана. Пријавениот е лишен од слобода, а од страна на судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.