Извадок на дел од дневни настани 05.04.2018

На 04.04.2018 година во 06.15 часот во Скопје,  во казино на улица „Ангел Динев“ во Скопје, Т.Б.(33) од Скопје влегол во просторијата каде што била вработената Д.М., и се заканил  и од касата   одзел околу 50.000 денари, од кои 30.000 фрлил кон вработената, а 20.000 денари задржал за себе. Вработената Д.М. успеала да излезе од просторијата, а лицето останало и вратата сама се заклучила. Т.Б. е приведен  и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 04.04.2018 година околу 18.30 часот пријавено е дека во парк на улица “Анастас Митрев“ во Скопје, поголема група непознати лица (на возраст од 16 до 18 години) физички го нападнале Д.Ц.(23). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и расчистување на случајот.

На 05.04.2018 година во 01.00 часот во Полициска станица Центар, Д.Ј.(30) од Скопје пријавил дека на 04.04.2018 година околу 20.30 часот во Скопје на улица “Митрополит Теодосиј Гологанов“ во стан кој се користел како студио за тетовирање, од страна на П.Р., извршено му е противправно лишување од слобода.  Имено, сторителот претходно се договорил со оштетениот да се најдат на наведената локација и откако Д.Ј. дошол на договореното место, П.Р. заедно со уште едно лице ја заклучиле вратата од станот и П.Р. физички го нападнал Д.Ј.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 04.04.2018 година во 14.40 часот во Полициско одделение Сарај, А.Р. од село Арнакија пријавил дека неговиот 13 - годишен син на 02.04.2018 година околу 11.45 часот во Основното училиште „Емин Дураку“ бил физички нападнат од страна на негова наставничка, која прво го нападнала во училница, а потоа и во ходникот од училиштето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.04.2018 година околу 22,30 часот во Скопје на булевар “Климент Охридски“ додека Ф.К.(54) од Скопје,  управувал такси возило “Шкода Октавија“ бил запрен од три непознати лица кои откако влегле во возилото физички го нападнале, по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.04.2018 година во 15,50 часот во Битола во стан сопственост на Е.Б.(55) од Битола,  додека полициски службеници вршеле претрес во стан и други простории, 17 годишно лице од Битола,  кое во моментот било во станот, физички нападнало полициски службеник. Лицето е лишено од ослобода и се работи на расчистување на случајот.

На 04.04.2018 година во 22.50 часот во Полициска станица Драчево дошла 40-годишна жена од Скопје и рекла дека е во депресија и сака да си го одземе животот. Во станица бил повикан и нејзиниот син, а жената додека разговарала со сменоводителот, во присуство на нејзиниот син, извадила пластично шише со течност, се полила и со запалка се обидела да се самозапали, но била спречена во намерата. Со возило на Итна медицинска помош е пренесена во душевната болница Бардовци.

На 04.03.2018 година во 09,15 часот во село Сретово, гевгелиско, во куќа сопственост на З.С.,  пронајден е починат Д.У.(64) од Скопје, кој бил семеен пријател на З.С. По наредба на Јавен обвинител  телото на починатиот е предадено за обдукција.

Во текот на вчерашниот ден (04.04.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле девет сообраќајни незгоди од кои четири со телесни повреди и пет со материјална штета. При сообраќајните незгоди шест лица се здобиле со лесни телесни повреди. Вкупно 18 возачи се исклучени од сообраќај - дванаесетмина бидејќи управувале возило пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, а шестмина - биле возачи почетници. Од сообраќај се исклучени 16 возила бидејќи биле нерегистрирани. Четири возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, шестмина не дале првенство на минување на пешаци, еден неправилно се престроил и двајца неправилно престигнувале. Во текот на вчерашниот ден не бил санкциониран ниту еден пешак, а издадени се 97 мандатни платни налози, додека 68 возила се подигнати со "Пајак".

На 03.04.2018   година  во 18,20 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје во село Студеничани, скопско, патничко моторно возило  “Фолксваген пасат“со италијански национални ознаки управувано од Р.А.(35)  од Скопје удрило во пешак-дете на возраст од седум години. Детето со истото возило бил пренесено во Градската општа болница “Св. Наум Охридски“,  каде од страна на лекар му била констатирана тешка телесна повреда и било задржано на понатамошно лекување. Извршен е увид на местото на настанот и се работи на расчистување на случајот.

На 05.04.2018 година во 04.20 часот во Полициската станица Драчево, К.Л.(53) од Скопје пријавил дека на 04.04.2018 година околу 16.00 часот од дома во непознат правец се оддалечила неговата 14-годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 04.04.2018 година во 22.00 часот во Полициската станица Аеродром, Г.Ј.(27) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 13.00 часот, додека се движел по улица „Божидар Рајковиќ“, бил нападнат од куче скитник при што му била нанесена повреда на левата нога.
На 04.04.2018 година во 23.50 часот во Полициската станица Карпош, Љ.А.(58) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 19.30 часот на ул. „Волгоградска“  била нападната од три кучиња скитници, при што од едното била касната на левата нога. 

На 04.04.2018 година во 10,00 часот Ј.М.(40) во Полициската станица Аеродром  пријавил дека на 03.04.2018 година околу 09,30 часот додека се движел по булеварот “Србија“, бил нападнат од  куче-скитник кое го каснало во пределот на десната подколеница. Истиот се упатил на лекарски преглед во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“ каде му била санирана повредата.
     
На 03.04.2018 година од Итна медицинска помош Велес било пријавено дека кај нив, во тешка зравствена состојба, бил донесен 58-годишен маж од Градско, кој испило поголема количина апчиња и алкохол. По укажаната помош, тој веднаш бил пренесен на лекување во Клиника за токсикологија при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против  А.С.(22) од Гостивар за сторено кривично дело “спречување службено лице во вршење службени дејствија”.  На 12.02.2018 година околу 22,15 часот во Гостивар на улица „Никола Тесла“, од страна на полициски службеници, при преглед на лица и возило управувано од A.С.(51), во кое пријавениот бил совозач, била пронајдена марихуана, по што полициските службеници го лишиле од слобода пријавениот, кој притоа физички го нападнал полицискиот службеник,  обидувајќи се да избега.

На 03.04.2018 година во 12,00 часот на Граничен премин “Делчево” на влез во РМ од страна на царинскиот службеник при контрола на возило управувано од Д.Г.(55) од село Звегор, делчевско, била пронајдена жива птица, при што на Д.Г. му било укажано дека доколку не поседува документи за птицата, истата треба да ја врати назад во Р. Бугарија. При евидентирањето во царинската евиденција, царинскиот службеник забележал дека во патната исправа на Д.Г. биле ставени 500 денари. По ова царинскиот службеник ја предал патната исправа и паричните средства на командирот на  Граничниот премин а Д.Г. бил  лишен од слобода.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против  А.В.(28) од Република Чешка за сторено кривично дело “компјутерска измама”. Во временски период од 05.03.2016 година до 27.04.2016 година  пријавениот претставувајќи се како сопственик на фирмата “Памеса Керамика” со седиште во Р.Шпанија со кое Е.Ш.(54) од Гостивар, управител на фирма имал деловна соработка преку електронска пошта, на адресата на Е.Ш. од електронска адреса индентична на фирмата “Памеса Керамика” пријавениот пратил порака во која побарал паричните средсва од прва рата во износ од 3.600 евра да ги уплати на сметката на пријавениот. Откако на 27.04.2016 година, оштетениот ги уплатил паричните средства, а после одреден временски период од фирмата “Памеса” добил известување дека не биле префрлени парични средства, по што дознал дека истите биле префрлени на сметката на пријавениот.