Извадок на дел од дневни настани 15.03.2018

На 14.03.2018 година во 13.30 часот на улица „7-ми Септември“ во Кавадарци патничко моторно возило „Пежо 206“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Л.С.(66) од Кавадарци, удрило во пешакот  Г.С.(25) од Кавадарци. Од ударот пешакот се здобил со повреди, по што бил пренесен на лекување во Општа болница Кавадарци. извршен е увид на местото на настанот.  


На 14.03.2018 година  околу 23,20 часот во Куманово на улица „Сава Ковачевиќ“ во куќа сопственост на Ч.К. избил пожар, при што целосно е опожарено приземјето на куќата. Од пожарот С.К.(60) се стекнала со тешки телесни повреди констатирани во Медицински центар Куманово, по што поради сериозноста на повредите со возило на Итна медицинска помош е пренесена во Комплекс клиники "Мајка Терезеа" на понатамошно лекување.


На  15.03.2018 година околу 01,30 часот во Виница на улица „Славчо Стојменски“, непознати сторители, откако претходно го скршиле стаклото на патничко моторно возило „Сеад Леон“ со винички регистарски ознаки, сопственост на С.Ш.М., ја полеале внатрешноста на возилото со запалива течност и ја запалиле. Извршен е увид на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.


На 15.03.2018 година околу 01,00 часот во село Суводол -Демир Хисар, непознато лице на лимена табла закачена на бандера испишало графит со навредлива содржина.


На 14.03.2018 година околу 20,45 часот во Скопје пред Собрание на Република Македонија, од страна на полициски службеници при преглед на Д.Г.(27) од Скопје пронајден е пендрак и камења, по што истиот е приведен во Полициска станица Центар за понатамошна постапка.


На 14.03.2018 година околу 20,15 часот во Битола на улица „Солунска“ во аптека „Еурофарм“, непознат сторител со закана со пиштол извршил разбојништво, при што одзел околу 30.000 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.


На  14.03.2018 година во 17,00 часот во Полициска станица Кисела Вода, И.Б.(33) од Берово  пријавил дека од 14,00 часот на 12.03.2018 година, од станот во кој престојуваат во Скопје во непознат правец се оддалечил неговиот брат  Љ.Б.(36). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.  

 
Во текот на вчерашниот ден (14.03.) на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно осум сообраќајни незгоди од кои пет со лесни телесни повреди и три со материјална штета. Во сообраќајните незгоди шест лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 11 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 11 возачи од кои: три возачи поради тоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол,  пет возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и тројца биле возачи почетници. Десет возачи се санкционирани бидејќи управувале нерегистрирани возила. Исто така, санкционирани се и девет пешаци: тројца - бидејќи поминале коловоз на црвено светло и шестмина затоа што поминале коловоз надвор од означен пешачки премин. Санкциониран е и еден возач којшто поминал на крстосница на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 59 мандатни платни налози, додека 62 возила се подигнати со специјално возило "пајак".

 На 14.03.2018 година во 10,42 часот во Скопје на булевар “Илинден“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило “Шкода“ управувано од В.В.(49) и патничко моторно возило “Рено Меган“ со скопски регистарски ознаки управувано од Е.Б.(47) од Скопје. По сообраќајната незгода двајца сопатници од возилото “Шкода“, И.Д. (40) и Б.И. (41) со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градска општа болница “Св. Наум Охридски“.  Извршен е увид на местото на настанот.


На 14.03.2018 година околу 18,15 часот полициски службеници од Граничен премин за граничен надзор "Меџитлија" над село Добрени забележале пожар на ниско стеблеста шума и трева. На местото на настанот се упатиле екипи од шумска полиција и Противпожарна единица Битола.

На 15.03.2018 година во 03,10 часот на излез од Р.Македонија, на околу 150 метри од Граничен премин "Табановце" забележан е пожар во товарно моторно возило „Рено“ управувано од М.П. од Србија. М.П. за време на пауза од возење запалил мала плинска боца, при што се опожарила внатрешноста на кабината, а истиот се самоповредил (изгореници по дланките). Од екипа на Итна медицинска помош на М.П. му е укажана лекарска помош, по што е пренесен и задржан на понатамошно лекување во Клиничка болница Куманово. Од страна на Противпожарна единица пожарот е изгаснат.

На 15.03.2018 година во 03,00 часот во Делчево на улица "Маршал Тито“ од страна на полициски службеници се пронајдени расфрлани летоци со навредлива содржина.

На 14.03.2018 година Б.С.(72) во Полициската станица Центар пријавил дека во периодот од 11 до 14.03.2018 година на улицата “166“ од страна на непознат сторител му било одземено патничко моторно возило “Опел Корса“.  Имено сторителот откако влегол во дворот од куќата,  во дрвена кутија која била оставена надвор ги пронашол клучевите, го стартувал возилото и го напуштил местото на настанот стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 180.000 денари. Се работи на целосно расчистување на случајот.
   
На 14.03.2018 година С.Б.(60) во Полициското одделение Петровец пријавил дека истиот ден во времето од 01,30 до 05,00 часот во село Петровец од страна на непознат сторител му било одземено патничко моторно возило “Пежо 406“. Имено сторителот откако дошол до возилото, влегол во незаклученото возило и со оригиналниот клуч кој стоел на бравата, го стартувал возилото и го напуштил местото на настанот, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 150.000 денари. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 14.03.2018 година во 19.15 часот во болницата во Велес било донесено лицето Ј.Ј.(28) од Велес, кој бил затруен откако испил одредена количина течен детергент. По извршениот преглед било констатирано дека лицето се наоѓа во животна опасност и со возило на Итна медицинска помош било пренесено на Kомплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.  

Полициска станица Струмица поднесе кривична пријава против С.В.(38) за сторено кривично дело „затајување’’. На 18.09.2017 година, извршена е контрола во АД за поштенски сообраќај “Македонска Пошта’’ – Подружница Струмица – Пошта Вељуса, каде пријавената била вработена како шалтерски работник и е констатирано дека на главната благајна каде пријавената работела, постои кусок од  88.951 денари кои противправно ги присвоила.

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против А.Р.(32), Е.З.(33), Б.Н.(32), М.Ѓ.(22), Ф.Д.(20) и С.Д.(18) за сторено  кривично  дело “насилство“. На 04.02.2018 година, во угостителскиот објект во Тетово, по претходна вербална расправија помеѓу С.Д. и А.Р., настанала и тепачка, во која се вклучиле и останатите пријавени, а биле употребени метални предмети и делови од инвентарот од угостителскиот објект, при што со телесни повреди се здобиле сите пријавени како и неколку од присутните гости во објектот.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против Д.Р.(56) од Прилеп за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во периодот од 2009 година до 2015 година, пријавениот  како  в.д. директор во Домот за стари лица ЈОУ„Киро Крстески Платник“, во договор со одговорните лица во ДОО МИП „Марфил“ Прилеп, подигнал поголеми количини на сувомеснати производи и месо, за кои приемот го потврдувал со потпис и примал фактури кои гласеле на име на Домот за стари лица,а производите ги користел за свои потреби. На овој начин, го оштетил Домот за стари лица за износ од 294.766 денари. Пред да биде разрешен како в.д директор, побарал од одговорно лице во магацинот да сочини документација со која ќе го потврди приемот на производите наведени во споменатите  фактури.